Sveti Nikole
Sunday, May 31, 2015
СВЕТИ НИКОЛЕ
Општина Свети Николе се наоѓа во централно-источниот дел на Република Македонија, во плодната котлина Овче Поле која има голема плодност и земјоделско-економска важност и посебни културно-етнографски карактеристики. Општината зафаќа површина од 480 км2 и според тоа се вбројува во најголемите општини во Републиката, со 33 селски населби. Градоначалник на општината е Зоран Тасев.
ГЕОГРАФИЈА
Општината го зафаќа централниот дел на Република Македонија и се простира меѓу општините Велес, Лозово, Штип, Карбинци, Пробиштип, Кратово, Куманово и Петровец. Нејзината територија се поистоветува со областа Овче Поле.
Овче Поле е котлина која што лежи во сливот на Светиниколска Река, десна притока на Брегалница. Овчеполската котлина се наоѓа на надморска висина од 200 до 400м и е под влијание на континентални и медитерански климатски влијанија. Како средишен дел на котлината се наоѓа градот Свети Николе.
Градот Свети Николе е сместен во средишниот дел на општината и е поврзан со регионални патишта со општините: Куманово во должина од 43км, Штип - 25км и Велес 34км. Со главниот град на Републиката, Скопје, е поврзан преку Куманово во должина од 76км и преку Велес во должина од 86км, а во иднина се планира реализација на патниот правец Свети Николе -Миладиновци, кој значително е пократок околу (околу 52км).
Поголемите населени места со градот се поврзани со асфалтни локални патишта со вкупна должина од 107,95км. На оддалеченост од 10км од градот се наоѓа железничката станица „Овче Поле“, а на 60км од истиот се наоѓа аеродромот Петровец, што значи дека постои добра сообраќајна поврзаност.
ЛЕГЕНДА ЗА ИМЕТО НА ГРАДОТ СВЕТИ НИКОЛЕ
Според некои постои една легенда поврзана за ова место: во Свети Николе постоеле околу 40 цркви.За време на турското ропство сите цркви биле уништени само најубава и единствена која останала е црквата Св.Никола затоа и името на овој град е Свети Николе.
ИСТОРИЈА
Историјатa на Свети Николе континуирано е населена од праисторијата до денес. Најстарите траги на живот во котлината се од периодот на неолитот, што е потврдено и со археолошки истражувања. Постојат индиции дека во Овче Поле бил центарот на Пеонската држава, чиј најголем град, воедно и седиште на пеонските кралеви,Билазора се наоѓал во Овче Поле, на локалитетот Градиште (с.Кнежје).
Најстари жители на овие краишта биле Пеонците, кои го населувале просторот меѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма).
Свети Николе, како централно место на поголемиот дел од Овче Поле, како населба датира уште од античкиот период. Првобитно населбата била лоцирана североисточно од денешната црква Свети Стефан. Поради мочурливото земјиште и нездравите услови за живот во крајот на 3 век п.н.е. населбата била дислоцирана на десната страна на Светиниколска Река, во месностите: Рудина, Свети Спас и денешно Рецко маало во градот. Најверојатно античкото име на населбата било Пробатон. Во 7 век таа го променила името во Овче Поле.
Средновековна историја
Во средновековните пишани извори, прв пат, Овче Поле како населба (тврдина), и пошироко, Овчеполието како област, се споменува во 13 век. Во 1246 г. никејската војска, покрај другите места во Македонија, го зазела и Овче Поле.
Во 1292 г. во населбата, која се уште го носи името Овче Поле, била изградена црквата посветена на чудотворецот свети Николај. За црквата е поврзана легендата за чудотворното излекување на Стефан Дечански,,... И на Овчем Полѣ свети Никола очи ѣму дарова въ црьквi ...".
Свети Николе се споменува и во даровницата на браќата Дејановци од 1378 г., со која се потврдуваат даровите на манастирот свети Пантелејмон во Света Гора.
Во пописниот тапу дефтери на Ќустендилскиот санџак од 1570 г., Свети Николе е именувано со И-с-в-и Н-и-к-о-л-а. Во шеесетите години на 17 век, турскиот патеписец Евлија Челебија на два пати престојувал во Свети Николе.
НАСЕЛЕНИЕ
Седиште на општината е градот Свети Николе. Густината на населението не е така голема и изнесува 38,5 жители на 1км2. Во оштината живеат вкупно 18 497 жители од кои:
- Македонци 13.367 (97,24%)
- Власи 149
- Турци 80
- Роми 72
- Срби 52
- Бошњаци 1
- oстанати 25
Во општината не живеат Албанци.
Во состав на општината влегуваат и 32 села: Алакинце, Амзабегово, Арбасанци, Богословец, Буриловци, Горно Ѓуѓанце, Горно Црнилиште, Горобинци, Делисинци, Долно Ѓуѓанце, Долно Црнилиште, Ерџелија, Кадрифаково, Кнежје, Крушица, Макреш, Малино, Мездра, Мечкуевци, Мустафино, Немањица, Орел, Павлешенци, Патетино, Пеширово, Преод, Ранчинци, Сопот, Стануловци, Стањевци, Строиманци и Трстеник
ЕКОНОМИЈА
До седумдесетите години на 19 век, кога патот за Солун минувал преку Свети Николе, тоа било едно од значајните економски места од левата страна на реката Вардар. Пуштањето во сообраќај на вардарската железница во 1873 година неповолно се одразило на Свети Николе, а оваа промена уште повеќе се почуствувала во 1888 година кога вардарската железница е споена со моравската.
Денес населението претежно се занимава со земјоделство, а од индустријата застапени се прехранбената, текстилната и индустријата за градежни материјали. Од прехранбената индустрија застапени се месната индустрија (МИК Свети Николе), индустријата за конзервирање на зеленчук и овошје, пекарската, млечната индустрија, индустријата за дехидриран зеленчук, индустрија за ферментација на тутун и индустрија за сточна храна, со што процесот на земјоделско производство целосно е заокружен. Од земјоделските култури најзастапени се: житните култури, индустриските, раноградинарските култури и виновата лоза, а од сточниот фонд: овчарството, говедарството, свињарството,живинарството и пчеларството.
КУЛТУРНИ И ПРИРОДНИ ЗНАМЕНИТОСТИ
КУЛТУРНИ И ПРИРОДНИ ЗНАМЕНИТОСТИ
Културните активности се реализираат преку две општински институции:
- Дом на култура „Крсте Мисирков“ - Свети Николе и
- Народен музеј - Свети Николе.
Тие даваат белег на културното живеење во општината и пошироко. Домот на културата како центар на културата во градот и општината дава печат на современото културно живеење со своите разновидни и квалитетни културни содржини. Општината Свети Николе отсекогаш имала богата културна и особено фолкорна традиција. Богатата овчеполска фолклорна традиција истовремено претставува еден од фундаментите на богатото македонско народно творештво, кое со своите автентични вредности има светско значење.
Во зачувувањето и негувањето на изворните фолклорни дејности најголем придонес имаат 40 културно уметничките друштва кои работеле и работат на територијата на општината. Посебно се издвојува фолклорниот ансамбл „Јанко Глигоров“, кој работи во составот на Домот на културата. Овој ансамбл, фолклорните вредности на овој крај ги претставува во континуитет повеќе од 40 години на разни фестивали во Македонија и надвор. Исто така позната е и фолк групата Слатка Тајна,која е позната низ Македонија по бројните настапи на телевизиите и фестивалите во државата ,но и надвор од неа.Групата досега има издадено еден албум,а од бројните сингл нумери се издвојува песната за родниот крај Овчеполие.
Subscribe to:
Posts (Atom)