Историјатa на Свети Николе континуирано е населена од праисторијата до денес. Најстарите траги на живот во котлината се од периодот на неолитот, што е потврдено и со археолошки истражувања. Постојат индиции дека во Овче Поле бил центарот на Пеонската држава, чиј најголем град, воедно и седиште на пеонските кралеви,Билазора се наоѓал во Овче Поле, на локалитетот Градиште (с.Кнежје).
Најстари жители на овие краишта биле Пеонците, кои го населувале просторот меѓу реките Аксиј (Вардар) и Стримон (Струма).
Свети Николе, како централно место на поголемиот дел од Овче Поле, како населба датира уште од античкиот период. Првобитно населбата била лоцирана североисточно од денешната црква Свети Стефан. Поради мочурливото земјиште и нездравите услови за живот во крајот на 3 век п.н.е. населбата била дислоцирана на десната страна на Светиниколска Река, во месностите: Рудина, Свети Спас и денешно Рецко маало во градот. Најверојатно античкото име на населбата било Пробатон. Во 7 век таа го променила името во Овче Поле.
Средновековна историја
Во средновековните пишани извори, прв пат, Овче Поле како населба (тврдина), и пошироко, Овчеполието како област, се споменува во 13 век. Во 1246 г. никејската војска, покрај другите места во Македонија, го зазела и Овче Поле.
Во 1292 г. во населбата, која се уште го носи името Овче Поле, била изградена црквата посветена на чудотворецот свети Николај. За црквата е поврзана легендата за чудотворното излекување на Стефан Дечански,,... И на Овчем Полѣ свети Никола очи ѣму дарова въ црьквi ...".
Свети Николе се споменува и во даровницата на браќата Дејановци од 1378 г., со која се потврдуваат даровите на манастирот свети Пантелејмон во Света Гора.
Во пописниот тапу дефтери на Ќустендилскиот санџак од 1570 г., Свети Николе е именувано со И-с-в-и Н-и-к-о-л-а. Во шеесетите години на 17 век, турскиот патеписец Евлија Челебија на два пати престојувал во Свети Николе.
No comments:
Post a Comment